Предности на електронските продавници во однос на традиционалните и колку чини креирање на една е-продавница PDF Печати Е-пошта
Напишано од Емилија Митовска   
Понеделник, 07 Декември 2009 12:27

Електронската трговија нуди огромни предности за бизнисите. Големината на еден бизнис на Интернет не е важна. И големите и малите претпријатија го имаат истиот пристап до клиентите и може да креираат слично присуство на Интернет.

Покрај тоа, и локацијата на седиштето на компанијата нема никакво значење. Каде и да е лоцирана компанијата, клиентите имаат пристап до нејзиниот веб-сајт. Е-продавницата не само што овозможува поширока база на клиенти, туку исто така ги надминува ограничувањата на работното време, бидејќи производите и услугите можат да се продаваат нон-стоп во текот на 24 часа. Поконкретно, предностите на бизнисите кои се впуштаат во активности преку Интернет се:

· Широко географско покривање - Бизнисот има пристап до клиенти насекаде, без да мора да отвора локални ограноци;

· Минимизација на трговскиот синџир - Продавачите може да го контактираат клиентот директно(непосредно) и без посредници;

· Намалени оперативни трошоци - Оперативните трошоци се намалени благодарение на фактот дека бизнисот може да ги услужнува клиентите при минимални трошоци. Исто така, како што расте бројот на клиентите на е-продавницата, трошоците за да ги услужите се намалуваат;

· Работа 24 часа - Интерентот е веројатно единствениот канал за услужнување на клиентите кој им овозможува на клиентите да купуваат во текот на 24 часа дневно;

· Алатка за маркетинг - Бизнисот може да го користи потенцијалот кој го овозможува Интернетот во смисла на понуди, менаџирање и информирање на клиентите, статистички податоци за бројот на посетителите и продажбите.

Електронската продавница Ве донесува поблиску до клиентите, бидејќи тие имаат директен пристап до информациите кои вие ги обезбедувате. Исто така, ја имате и можноста да го анализирате пазарот, потпирајќи се на купувачките навики на клиентите. Главните предности меѓу другите би можеле да ги класифицираме и како:

· Зголемување на продажбата на производите и услугите;

· Непосредно задоволување на потребите на клиентот на поефикасен начин;

· Непосредно обезбедување на информации до клиентите за новите производи со цел истите подобро да се запознаат со производите;

· Подобрување на контактот со клиентите;

· Оптимален менаџмент со производите и нарачките.

Цената за креирање и водење на е-продавница е многу повисока од креирањето само на едноставен веб-сајт. Цената зависи од начинот на кој се отвора е-продавницата, како и од услугите кои ги нуди. Најефтиното решение е електронската продавница да се хостира кај некој електронски комерцијален центар. Цената на хостирањето на електронската продавница кај некој комерцијален центар може да почнува од € 10 месечно. Цената за отворање на електронска продавница зависи од различни фактори, како што се бројот на производи кои ги нуди и начините на плаќање кои ги применува.