План на маркетинг PDF Печати Е-пошта
Напишано од Светлана Арсова   
Среда, 09 Декември 2009 17:17

 

Содржина на планот на маркетинг. Маркетингот претставува нова филозофија на работењето која потрошувачите ги става во средиштето на вниманието и активностите на целокупното работење на претпријатието, кои треба да бидат насочени кон него. Претпријатието го гледа маркетингот како начин на создавање потрошувачи, а не производство на однапред определен производ или услуга.

Маркетингот бара претпријатието да се оспособи секој момент да ги согледува потребите и желбите на потошувачите, да го прогнозира нивното менување во иднина, да влијае врз нивното менување и да создава диференцијални предности пред конкуренцијата. За да го овозможи сето тоа, мора на маркетинг-начин да мислат сите функции на работењето, тие да бидат потчинети на создавање производ со диференцијални предности пред другите претпријатија. Маркетинг-миксот ги опфаќа сите деловни активности што го поврзуваат производството со потрошувачите. Тие активности се следниве:

 

-истражување на пазарот - треба да даде одговор на низа прашања, како што се: кои се потрошувачите, нивната професионална струка, обичаите, желбите, што трошат, зошто не трошат определен производ, што нуди конкуренцијата, обемот, квалитетот, цените и др;

-создавање нов производ - треба да биде во функција на истражувањата на пазарот, но притоа мора да се испита дали постојат ограничувачки фактори за негово производство ;

- дистрибуција на производот - какви канали на продажба да се планираат ( преку претставништва, комисиони, трговски патници, сопствени продавници ), која од нив обезбедува најкратко време на физичка дистрибуција на производот до потрошувачот, колкава маржа, редовност во снабдувањето итн;

- економска пропаганда на производот - со кои масовни медиуми и средства ќе бидат информирани потрошувачите за тоа што им се нуди;

- унапредување на продажбата - предлагање можности за сервисирање, гарантни рокови, потрошувашки кредити и др;

- цена на производот - диференцирање на цените во зависност од големината на продажбата, карактерот на купувачот и сл.

Поаѓајќи од посебната улога и значење што го има маркетинг- функцијата во рамките на маркетинг ориентираното претпријатие, со маркетинг - политиката треба да се дефинираат такви начела со кои ќе се обезбеди избор на производ, продажни цени, на дистрибутивни канали, на пропаганда и на др. услови на продажба, како начин на ефикасно остварување на општествената функција и цел на постоење на секој стопански субјект.

Маркетинг - политиката претставува збир на начела, насоки и критериуми со кои се насочува изработката на планот на маркетинг и се детерминира деловното однесување на маркетинг - функцијата во насока на остварување на планот на маркетинг. Маркетинг - политиката во себе вклучува четири политики, и тоа: политика на производ, политика на цени, политика на дистрибутивни канали и политика на економска пропаганда.

Во рамките на политиката на производ се формулираат начела сврзани со асортиманот на производството, карактеристиките на производите ( изглед, квалитет, функционалност ) животен циклус на производот, марката и пакувањето.

Политиката на цени претставува збир од начела сврзани со продажните цени, диференцирање на цените во зависност од видот на купувачот, од големината на продажбата, од местото на испорака, од условите за плаќање, од времето на испорака и сл.

Полотиката на дистрибутивни канали опфаќа начела што се однесуваат на избор на директен, индиректен, или комбиниран облик на продажба, избор на оптимален канал со кој на поекономичен начин и понавреме можат да се задоволуваат желбите на потрошувачите, притоа да се оствари колку што е можно поголем обем на продажба.

Во рамките на политиката на економска пропаганда треба да се формулираат начела сврзани со обемот и застапеноста на економската пропаганда, за начинот на пропаганда.

Од изнесеното може да се заклучи дека планот на маркетинг треба да ги содржи следниве задчи: вкупен обем на продажба, обем на продажба по асортиман на производи, динамика на продажба, обем на продажба по територии, обем на продажба на надворешниот и на домашниот пазар, големина на продажбата по дистрибутивни канали, големина на продажбата по продажни цени, видови медиуми и трошоци на економска пропаганда, големина на потребните обратни средства за врзување во залиха на готови производи и кредитирање на купувачите.